Прво на нотар, а потоа пред матичар

Пред матичарот се заколнуваат на вечна љубов, а пред судот потпишуваат предбрачни договори поради зачестените измами и изневерени очекувањаПред матичарот се заколнуваат на вечна љубов, а пред судот потпишуваат предбрачни договори поради зачестените измами и изневерени очекувања

Предбрачни договори најчесто потпишуваат добро ситуирани бизнисмени, спортисти и пејачи. Иако бројот на предбрачните договори, според неофицијалната адвокатска статистика изнесува стотина во последните години, младите брачни двоји сé почесто пред свадбата прво го посетуваат нотарот

Непочитувањето на моралните вредности, измамите и недовербата меѓу деловните партнери ги принудуваат граѓаните да склучуваат договори заверени пред нотар. Општата недоверба во последните години нé принуди да не си веруваме еден на друг, брат со брат, татко со син, па затоа секој гледа во случај на почнување бизнис или градење нова куќа правно да се заштити со валиден документ во џеб за стекнатата сопственост, вложените или позајмените пари на друг. Недовербата и во исто време желбата да се заштити претходно спечаленото водат дотаму што и идните брачни партнери прво одат пред нотар, а потоа пред матичар.

Оваа практика, карактеристична во земјите каде што има лица со крупен капитал, полека станува тренд и во нашата земја. Иако бројот на предбрачните договори според неофицијалната адвокатска статистика изнесува стотина во последните години, младите брачни двојки сé почесто пред свадбата прво го посетуваат нотарот.

- Моето семејството има развиен бизнис. Ако меѓу татко ми и чичко ми има договор за евентуалната поделба на бизнисот, зошто да не направам таков договор пред бракот, кој не знам како ќе се одвива. Ако ме изневери деловниот партнер, ќе загубам пари. Но ако ме изневери некоја во љубовта, покрај мојот имот, во ризик се доведува и семејниот бизнис, кој е стекнат од моите родители - вели триесетгодишен скопјанец.

Пред матичарот се заколнуваат на вечна љубов, а пред судот потпишуваат предбрачни договори. Обично тоа се добро ситуирани бизнисмени, спортисти и пејачи. Практиката, која е релативно нова во Македонија, покажала дека ваков договор обично потпишуваат луѓе што најчесто зад себе веќе имаат пропадната брачна заедница, па на овој начин се обидуваат да го „зачуваат“ имотот за децата од претходните бракови.

Тања Донеска, скопска адвокатка, открива дека Македонците ретко се одлучуваат за поделба на имотот пред бракот и на тоа да стават судски параф, најверојатно поради традиционалните вредности и патријархалните размислување. Во својата неколкугодишна работа, објаснува адвокатката, има работено на триесетина предбрачни договори.

- Во принцип, семејното право регулира потпишување вакви договори, иако кај нас ги нема многу. Не знам дали луѓето се скептични кон оваа институција или живеат со верба дека љубовта ќе трае до крајот на животот. Верувам дека сепак сите што се венчаваат го прават тоа во верба дека доживотно ќе бидат заедно - подвлекува скопската адвокатка.

Со уплата на 300 денари на нотарска такса и со веќе подготвен предбрачен договор, кој во зависност од адвокатските фирми се движи од 1.000 до 3.000 денари, заинтересираните страни може да поднесат предлог до судот за заверка на брачниот договор. Потоа следува закажување на рочиштето и, доколку сé биде во ред, судот го оверува конкретниот договор. Меѓутоа специфичноста на овој договор, според зборовите на адвокатката Донеска, е што може да биде заклучен пред и за време на бракот.

Во правото овој договор и неговата поента на постоење се преземени од трендот што дојде на овие простори од Америка. Всушност, нема ништо посебно во овој договор, освен неговото име, што е рутина. Тоа е секојдневен документ, со кој се регулираат имотните односи меѓу членови на семејство за време на брачната заедница.

За да биде валиден, договорот мора да биде во писмена форма и заверен од нотар и од судија. Пред самата заверка на овој документ, судијата обично е должен да им го прочита на сопружниците и да ги предупреди дека со неговото потпишување се исклучува законската можност на заеднички имот за време на бракот. Законскиот режим кај нас, доколку нема ваков договор, предвидува имотот што ќе биде стекнат за време на бракот помеѓу сопружниците да се подели на два еднакви дела.

Ова е така бидејќи во правото се смета дека двајцата партнери заедно еднакво придонеле за стекнување на имотот. Во предбрачниот договор може да се вброи сé што поседува секој од партнерите: станбени објекти, пари, автомобили, сефови...

Сопружниците можат да заклучат и договор за управување и располагање со заеднички имот, со кој се овластуваат меѓу себе за располагање на целокупниот подвижен и неподвижен имот. Овој договор е неопходно да се склучи дополнително доколку веќе постои предбрачен договор, а еден од партнерите е во странство или е здравствено спречен да управува со својот имот. Нашето законодавство предвидува и можност доколку се премислат брачните партнери, да склучат и договор за подарок, кој се активира без судски печат, единствено е потребна изјава пред нотар.

 
  • Свадба инфо