Влашки обичаи

Порано, влашката свадба се правела повеќе денови, во куќата на младоженецот и невестата. Обичајот бил, најпрвин да се сретнат родителите или пак роднините на младоженецот и невестата (најчесто на пазар) за да се договорат за денот кога треба да се даде збор, на кој присуствуваат најблиските од семејствата на младите. Потоа се правело веридба, на која биле поканувани најблиските роднини од двете страни, а веридбата се правела во куќата на невестата. Двете страни се договарале за денот на свадбата, а едно момче, (деверот) со пагур (шише со ракија, украсено со цвеќиња) одело од куќа на куќа и ги канело роднините, пријателите и соседите. Роднините се собирале кај младоженецот. Свекорот ги пречекувал гостите, а потоа започнувале со обичаите.

Најпрвин се сеело брашно и тогаш се пее песната:

Засејте го брашното,
брашното за свадбата...
Додека се пее песната, доаѓа деверот, две деверуши и младоженецот. Тие го сеат брашното, а потоа се меси погачата. За тоа време сите околу нив ја пејат песната:
Да замесиме погачите,
кумот да го поканиме,
кумот да го поканиме,
кумот  и деверот!

Потоа доаѓа берберот за да го избричи младоженецот. И за тој обичај има посебна песна:

Добро ни дојде берберот,
море, да ни го избрчи младоженецот.
Ајде избрчи го убаво, убаво,
за пред кумот, за пред деверот!
Ајде, за пред кумот и деверот
за пред бабата уште по убав.

Додека се пее песната, берберот го бричи младоженецот. Потоа мајка му го поведува со себе.
Откако ќе се заврши со тој обичај, се започнува со еден посебен обичај, карактеристичен за Власите. Започнува да се шие бајракот. Во врска со бајракот, Власите веруваат дека бајракот не смее да се врати во истото семејство, бидејќи тоа е знак за лоша среќа. Бајракот прв го игра кумот и без негово одобрение никој не смее да го земе и да игра со него. Бајракот го шие терзија или пак деверот. Додека се шие бајракот, се пее:

Шиј го терзијо, бајракот, море,
шиј го терзијо бајракот,
шиј море терзијо, ѓаволче,
со памучните ми конци!

Бајракот е готов и деверот му го дава на кумот. Овде се пазарат двајцата за бајракот. Додека тие се пазарат, гостите се покануваат да го даруваат бајракот и во тавата фрлаат пари. Тогаш се пее песната:

Чести го куме, чести,
чести го бајракот!

Кумот фрла пара во тавата, а потоа сите по ред фрлаат пари кои на крај ги собира деверот. Тој може да го подели парте со деверушите кои му помагаат. По дарувањето на бајракот, сите излегуваат во дворот, а кумот со бајракот, прв го поведува орото. На бајракот е означено Сонцето, за кое Власите веруваат дека е семоќно и животот им е врзан за него. На врвот на бајракот се ставаат три јаболка кои симболизираат плодност. Кумот сам си избира песна и започнува првото оро. Потоа се пее песната:

Коле бре, ја дојди ми малку,
си го заборавив долу к’рлугот!
Ние и друг к’рлуг си имаме,
ама ко тој Коле, си немаме!
Ќе си направиме од сува слива!

Орото се раширува и се пејат стари влашки песни. Потоа свекорот и свекрвата, заедно со гостите тргнуваат кон куќата на невестата. Тогаш се пее песната:

Седум момчиња, сите еднакви,
заминуваат рано наутро, во мугрите,
замнуваат рано наутро, во мугрте,
да не ги осетат во градот,
да не ги посрамотат...

Од сватовите, први кај невестата стигнуваат свекорот и свекрвата, кои ги пречекуваат родителите на невестата. Се поздравуваат, си честтаат, се крстат бидејќи стануваат роднини и им посакуваат среќа на младите. Невестата седи во една соба, заклучена, заедно со нејзините другарки. Ја доведуваат пред свекорот и свекрвата за да им бакне рака. Таа се поклонува пред нив три пати, им бакнува рака и тие ја даруваат со златници кои се пренесуваат од генерација на генерација. Родителите на невестата го пречекуваат младоженецот, го бакнуваат и тоа е знак дека стануваат свои. Тогаш пристгнуваат и сватовите. Сите и пејат на невестата да злезе надвор за да ја видат,  да ја поведат со нив. Ја пејат песната:

Излези Месечино, момчето те вика,
Месечно, море!

Роднините на невестата возвраќаат:

Си имам татко, не ме дава,
си имам и мајка, не ме дава,
си имам и браќа,
и тие не ме даваат!
(продолжуваат да му пејат на зетот)
Ајде назад, назад,
дедото зетот да го вид,
ќе му се допадне ли не,
ќе му се допадне,  готово...
(Така пејат и за бабата и за сите останати од потесното семејство)

Тие обичаи завршуваат, се шири орото и се пее песната:

Дољани, влашко село,
не сака грчко школо!
Да не заборават влашки јазик!
Дољани, село со градини,
не се плашат од арамии!
Дољани, село со тутуни,
не се плашат од караули.

На орото сега игра и невестата и со тоа сватовите ја поведуваат и ја водат кај младоженецот. Во куќата на младоженецот, невестата ги дарува сватовите. Сватовите, на чело со кумот, го поведуваат орото на даровите и на невестата. Сега игра и невестата, заедно со момчето,  се пее песната:

Бавно, бавно, орото, газдин сине,
не кревај прашина,
да не ми прашиш свилата.
Не ми стегај прстите, газдин сине,
да не ми скршиш прстите...

Потоа, невестата ја водат на чешма, заедно со малдоженецот, деверот, деверушите, сватовите и свадбарите зад нив, и сите заедно пејат песни. Кај чешмата, невестата, полни бокал со вода (три пати), а младоженецот ја истура. Потоа тој полни вода, а невестата ја истура и се пее песната:

Полни ми брате, сипи ми сесто,
Полни ми сестро, сипи ми брате...

Кога се завршува со овој обичај, сите што пееле, скокнуваат да ги земат јаболката од бајракот кој е во рацете на кумот. Власите веруваат дека јаболката од бајракот носат среќа за ерѓенте и за немажените, и  дека тие што ќе земат јаболко од бајракот, ќе имаат среќа таа година (да се омажат или да се оженат). Свекрвата фрла бонбони и  други слатки работи, да им биде сладок животот на младите. Потоа свекрвата ја пречекува невестата на влезната врата од куќата. Невестата се поклонува три пати, ја мачка вратата со маст од трите страни (како да се прекрстува), а свекрвата и дава волна и по еден леб да стави под пазувите (како смбол за плодност). Невестата треба да внимава, во новиот дом да влазе со десната нога, што симболизра среќа во жвотот.

 
  • Свадба инфо