Еврејски сфаќања за бракот и свадбени обичаи

Според еврејското сфаќање, бракот претставува идеален човечки однос и се смета за основна општествена институција, која ја востановил Бог во процесот на создавањето на светот. За јудеизмот бракот е света институција.

Со церемонијата на венчавањето се основа ново семејство. Иако подготовките за венчавањето предизвикуваат кај младоженците извесна исплашеност, многу е поедноставно да се биде подготвен за самиот чин на венчавање, отколку за бракот. Полесно е да се достигне физичка зрелост и економска самостојност, отколку емотивна зрелост и психичка подготвеност, кои се неопходни при склучувањето на бракот.

 

БИБЛИСКО СФАЌАЊЕ ЗА БРАКОТ

Целта на бракот, според Библијата е партнерство и раѓање.

И рече Бог:“Не е добро човекот да биде сам; ќе му направам помошник кој ќе наликува на него... Затоа човекот ќе ги остави таткото и мајката за да се здружи со својата жена и тие двајца ќе бидат едно тело“ (Берешит 2:18;24).

И ги благослови Бог и им рече: „Плодете се и множете се и наполнете ја земјата...“ (Берешит 1:28).

Библиски концепт за бракот во својата основа е моногамен (Берешит 2:24), макар што полигамијата во библиско време била вообичаена меѓу повисоките слоеви на општеството. Иако полигамијата се спомнува во библиските извори, светите списи ја сметаат моногамијата за единствениот правилен однос помеѓу мажот и жената.

Пророците за бракот зборуваат во вид на метафори во кои ја опишуваат приврзаноста на Бога кон својот народ Израел, а ако се сфати во преносна смисла “Песна над песните“, таа јасно укажува на моногамната врска помеѓу Бога и израелскиот народ, зашто Бог не остварил таква специфична врска со ниту еден друг народ.

ПОГЛЕД НА БРАКОТ ВО РАБИНСКАТА ЛИТЕРАТУРА

Учењата на Талмудот го сметаат целибатот за неприроден. Не погрешил тој што стапил во брак, туку оној што не се оженил и „кој го менува целиот ден во грешни мисли“ (Кидушин 29b). Целта на венчавањето е пронаоѓање животен партнер и обезбедување потомство, но не само тоа; бракот го исполнува човекот и од него создава целосна личност: „Оној што нема жена не може да биде правилна личност, тој живее без радост, благослов, добрина...без Тора, без заштита...без мир“ (Јевамот 62б).

Талмудските рабини сметаат дека е бракот толку значаен, што човек може да ги продаде и свитоците на Тората, за да собере пари за женачка.

Не треба лекомислено да се пристапи при одбирањето на брачниот партнер. Да се направи успешен избор е подеднакво тешко, како што му било тешко на Бога раздвојувањето на Црвеното Море (Сота 2а). Правилниот избор е можен, единствено со помошта на бесконечната Божја мудрост.

Бракот не треба да се склучува заради пари. Човекот треба за себе да си побара жена со блага нарав, тактична, скромна и вредна. Жената мора да исполнува и други услови, пропишувале талмудските рабини: да потекнува од почитувано семејство, да му одговара на мажот по годините, да биде со слично социјално потекло, да има учен татко итн.

Во времето на Талмудот било пожелно да се стапува во брак во раната младост. За момчињата се предвидувала возраст од 18 години како идеално време, а девојчињата можеле да се мажат уште од 12 години. Единствено лицето кое е интензивно зафатено со студирање на Тората можело да го одложи своето венчавање за извесно време.

Талмудските рабини говореле: „Најпрвин изгради куќа, потоа засади лозје, и дури потоа пожеш да се ожениш“.

Момчињата не ја објавувале свршувачката, сѐ додека не ја виделе идната невеста.

Во талмудско време, полигамијата била можна само теоретски. Но, за талмудските рабини таа била неприфатлива. Бракот не е сакрамент во христијанската смисла на тој збор, зашто разидувањето на брачните партнери со развод, иако било непожелно, сепак било можно.

Во текот на бракот жената му е посветена само на мажот и е забранета за сите други. Брачните партнери мораат да наоѓаат патишта за да го подигнат бракот на највисоко можно ниво, преку взаемно разбирање и почитување. Мажот мора да го обезбеди своето семејство. Тој не смее да биде причина за пролевање солзи на неговата жена. Ако мажот си ја сака својата жена, како што се сака себе самиот и ја почитува повеќе отколку што се почитува себе самиот, го заслужил благословот што стоел над Јововиот дом: „Во шаторот свој ќе уживаш во мир, твојот дом, кога ќе одиш во поход, ќе остане негибнат“ (Јов, 5:24). Талмудските рабини токму како и пророците, го употребуваат поимот венчавање за да ги означат со него симболично и другите совршени односи: односот помеѓу Бог и Израел, Израел и Тората, Израел и Шабат.

Повеќето од горенаведените рабински одредби од талмудското време се одржале сѐ до денес во еврејслата практика. Аскетизмот и целибатот и денес се ретка појава меѓу Евреите. Рабену Гершом бен Јеуда од Магенца (960-1040) донел пропис (такана), со кој полигамијата конечно била забранета. Мажењето на рана возраст станало вообичаено, иако старосната граница во поново време значително се поместила. Разводот, иако не е тешко да се добие, не е вообичаен. Разводот во еврејските кругови тешко се прифаќа, зашто семејството, според еврејската традиција и вера претставува бедем на еврејството и основен услов кој овозможува водење еврејски начин на живот.

ВЕНЧАВАЊЕ

Со женењето мажот ја превзема врз себе одговорноста и должноста да се грижи за жената и за идното поколение, а жената со мажењето ја донесува најважната одлука: да го помине животот со избраникот на нејзиното срце. Обвска на младоженецот и невестата е да побараат совет од рабинот пред да стапат во брак. Откако ќе востанови рабинот дека нема никаква верска, ни законска пречка за склучување на бракот, се договара датумот на венчавањето.

По еврејските прописи, обредот на склучување брак се дели на два дела: веридба-КИШДУН и венчавање – НИСУИН.

Венчавањата отсегогаш биле весел настан кај еврејскиот народ, повод за заедничко собирање и радување. Денот на венчавањето гостите го одбележувале со песна, игра и со весела музика.Венчалниот балдахин, хупа, под кој се извршува венчавањето на младиот пар, е сеќавање на церемонијата која потекнува уште од библиско време. Тогаш било обичај, невестата прекриена со превез да се доведе до шаторот на младоженецот. Прекрасно извезениот балдахин, кој го придржуваат четири столбови, а го држат четири неоженети момчиња, треба да го симболизира идниот дом на венчаниот пар.

Во талмудско време веридбата и венчавањето биле прославувани како два посебни настани. Периодот од веридбата до венчавањето траел околу една година. Давањето збор се одржувало во куќата на невестата со месеци порано пред да се изврши венчавањето во куќата на младоженецот. Со чинот на веридбата девојката и момчето си биле посветени еден на друг и, иако сеуште не живееле заедно, не можеле да се разделат без развод. Идната невеста се подготвувала за животот во бракот, подготвувајќи ја својата опрема (облека и накит). Со текот на времето се утврдило дека долгиот период на раздвоен живот од веридбата до венчавањето тешко го поднесувал младиот пар, и дека за верениците е повеќе штетен, одошто полезен. Затоа било одлучено овие два дела да се спојат во една заедничка церемонија. Денес церемонијата на венчавање го содржи чинот на стариот обичај на веридбата и обредот на склучувањето на бракот.

Во денешно време, во текот на венчалниот обред, се користат две чаши со вино, едната за кидушин(веридба), а другата за нисуин (венчавање). Церемонијата на веридбата и венчавањето денес се одделни само со читањето на брачниот договор – кетуба, напишан на Арамејски јазик.

Бидејќи веридбата кај евреите е правен чин, потребни се двајца сведоци кои не се во сродство со младенците. Рабинот во присуство на вереникот и на вереницата утврдува дали тие навистина сакаат да живеат заедно и тоа да го прават по своја слободна волја. Тие пред рабинот ја потврдуваат својата согласност. Чинот на веридбата се завршува со благословот на рабинот и веднаш потоа се преминува на церемонијата на венчавање.

Од XIV век обичај е рабинот да ја изврши церемонијата на венчавање. Обичајот да се става венчален прстен на показалецот на десната рака на невестата, е акт кој симболизира приврзаност и верност и датира од VII век. Додека стои под балдахинот,  младоженецот ѝ го става прстенот на показалецот на десната рака на невестата и свечено изјавува: „Биди ми посветена со овој прстен, според законите на Мојсеј и на Израел“ (Кидушин 5б). Невестата, исто така, може да го дарува со прстен својот иден маж. Прстенот што таа го става на раката на младоженецот е симбол на емотивниот однос кој го има кон него.

Со брачниот договор се прецизираат взаемните обврски на мажот и жената. Договорот го легализира бракот. Откако младоженецот ќе ѝ го стави прстенот на прстот на невестата, се преминува на читање на кетубот. Во минатото, примарната цел на брачниот договор била да и обезбеди правна заштита на невестата. Денес тој се користи и за други цели, меѓу останатото и да се истакне моралната одговорност која врз себе ја превзема венчалниот пар.

Брачниот договор се составува еден ден пред венчавањето. Мажот се обврзува дека ќе ја почитува, чува и дека ќе се грижи и ќе ја издржува својата жена; дека ќе ѝ ги обезбеди потребните материјални средства во случај на смрт или развод. Жената се обврзува дека своите брачни должности ќе ги исполнува внимателно и искрено.

По читањето на кетубот, се преминува на читање на седумте благослови Шева бераход – биркат хатаним, кои се цитирани во Талмудот (Кетубот 8а). Четвртиот благослов укажува на тоа дека човекот е создаден во Божји лик. Во последните три се изговара молитва во која се вели дека Бог ќе му донесе утеха на Цијон, среќа на младиот пар и победоносно искупување во обновената Јудеја и Ерусалим. Венчалниот обред, со тоа, ги спојува индивидуалните со колективните надежи.

По изговорените благослови се испива виното и рабинот го прогласува бракот за валиден според еврејските прописи.

Иако свечениот чин на склопувањето на бракот е завршен, постојат и додатни обичаи кои со текот на времето биле вклучени на денот на венчавањето.

Под свадбениот балдахин невестата три пати обиколува околу младоженецот. Овој обичај се базира на зборовите на пророкот Јеремија (31:31), каде што тој вели дека го наткрилува жената и дека го штити мажот. Зборовите „Те верам“ се повторуваат три пати во Ошеа (2:21-22), каде Бог му се обраќа на својот народ: „Те верам со себе засекогаш, Те верам со правда и праведност, со љубов и милосрдие, Те верам со вера да го спознаеш Вечниот“.

Обичајот со кршење чаша под белдахин се базира врз Талмудот (Берахот 31а). Има за цел да ги потсети присутните за разорувањето на Вториот храм, и така, во моментите на најголемо веселење, да им го врати сеќавањето на најтрагичните денови од еврејската историја.

Вообичаено е невестата и младоженецот да се одделат од световите и за кратко да бидат сами. Одделувањето на младиот пар го симболизира прекинувањето на постот кој му претходи на венчавањето и кој го држеле младенците заради преиспитување на своите гревови и духовно очистување.

Празничната гозба – сеудат мицва е пслужување со кое гостите се служат по свечената церемонија на склопувањето на бракот. Седумте благослови што се кажуваат во текот на венчавањето, повторно се изговараат по свадбениот ручек.

Венчавањето не смее да се врши на Шабат, за време на празници и пости, во деновите кои следуваат непосредно по празникот Песах и Сукот, како и за време на броењето на омерите (сефират аомер), кои започнуваат на втората вечер на Песах и траат до празникот Шавуот.

ЗАБРАНА ЗА БРАК

Кај евреите имало и такви врски (повремени или постојани) помеѓу маж и жена кои биле строго забранети во следниве случаи:

Крвно сродство:мајка, ќерка, сестра, внука, тетка;

Роднинска врска: снаа, снаа од татко (маќеа), жена на вујко, жена на брат итн. Во оваа категорија се вклучени и роднините на жената;

Туѓа жена: жена која од својот маж не е разведена, според важечките еврејски прописи (нема развод – гет);

Со женината сестра: за време на животот на жената, па дури и ако е разведена. По смртта на жената или на поранешната жена, дозволено е венчавање со нејзината сестра.

Горе наведените забрани ги пропишала Тората. Ако во споменатите случаи постои врска помеѓу маж и жена, таа не смее да се легализира со церемонијата на венчавање во ниеден случај, дури и ако тоа го дозволуваат граѓанските закони. Децата родени од такви врски се сметаат за копилиња (мамзер) и на се признаваат.

Коените (припадниците на свештеничкиот сталеж од времето на храмот) не смееле да земаат за жени: разведени жени, прозелитки (жени што преминале во Еврејска вера), жени за кои се знаело дека одржувале недозволени сексуални односи и жени од забранет брак.

Според верските прописи, бракот помеѓу Евреин и нееврејка, и обратно, не се признава како валиден.

 
  • Свадба инфо